• Саше Љолес

Фудбалската федерација на Македонија покрена дисциплинска постапка против седум фудбалери на Кожуф поради сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот против Башкими, кој се одигра на шести мај.
Од „Куќата на фудбалот“ информираат дека постапката се темели на досега добиените писмени изјаснувања и доставената релевантна документација и податоци од наведените лица (тренери, фудбалери, службени лица на клубот), како и од официјалните лица на натпреварот (судии, делегат, контролор на судии, комесар за безбедност). Во писмените, своерачни изјаснувања, дел од фудбалерите посочуваат конкретни лица за кои тврдат дека дале инструкции или наредби во врска со исходот од натпреварот.
Паралелно, Основното јавно обвинителство - Гевгелија преку Министерсто за внатрешни работи (МВР) побара доставување на целокупната документација поврзана со натпреварот од 28. коло во Втората лига, заради водење на истражна постапка во рамки на своите законски надлежности.
Постапката во овој момент се однесува на наведените лица и субјекти, но истата може да биде проширена и на други лица и субјекти доколку во понатамошниот тек бидат обезбедени дополнителни сознанија или докази што упатуваат на нивна вклученост. Случајот не е затворен и Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот.
ФФМ и Одделот за безбедност и интегритет остануваат цврсто посветени на заштитата на интегритетот на натпреварувањето и ќе продолжат со целосна соработка со сите надлежни институции за целосно расветлување на случајот.