Отворена истрага, „тепачот“ Нуњез гледа кон суспензија

Јужноамериканската фусбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) отвори истрага поради големиот скандал по полуфиналето на Копа Америка меѓу Уругвај и Колумбија. Дарвин Нуњез заврши на трибина и се тепаше со колумбиските навивачи, а според информациите тој се обидувал да му помогне на своето семејство во близина. 

Дали е тоа вистина тешко е да се каже, меѓутоа истрагата на Јужноамериканскиот фудбалски сојуз ќе ги утврди фактите. Дури и да е така, Нуњез се соочува со суспензија поради своето срамно однесување. 

„КОНМЕБОЛ поради насилни сцени отвори истрага за да го согледа текот на нештата и да ја најде одговорноста на вмешаните во скандалот кој се случи на крајот на мечот меѓу Уругвај и Колумбија.

Сакаме уште еднаш да нагласиме и предупредиме дека нема да се толерираат никакви потези кои го оцрнуваат овој турнир. Недозволен е таков инцидент во кој страста се претвора во насилство. Поради тоа нема да го толерираме однесувањето кое штети на спортското натпреварување“, објаснија од Јужноамериканската фусбалска конфедерација.

Речиси сигурно е дека Дарвин Нуњез ќе добие казна од неколку натпревари, меѓутоа ако истрагата утврди дека е виновен и немало самоодбрана, казната за асот на Ливерпул може да биде драконска.