ВИДЕО: Отворање од соништата за Џенова, гол на Пандев и убедлив триумф над Кротоне

Фудбалерите на Џенова убедливо ја стартуваа новата сезона и со 4-1 триумфираа против Кротоне. Средбата на „Луиџи Ферарис“ мина целосно во знакот на домаќинот, па повратникот во Серија А немаше шанси да изненади. Македонскиот фудбалер Горан Пандев уште еднаш покажа дека годините за него се само бројка и со елегантен лоб-гол стави свој печат во победата. 

  • Извештај од натпреварот:

Резултатот го отвори Матиа Дестро уште во шестата минута, кога на асистенција од Гиљоне го матира Кордаз. Капитенот на селекцијата на Македонија, Горан Пандев само три минути подоцна, доби прецизно проигрување од Голданига и ефектно го лобуваше голманот на Кротоне за комфорна предност од 2-0 на Џенова. 

Надежта за Кротоне ја врати Ривиер кој погоди за намалување на предноста на „грифоните“ на 2-1 во 28. минута од средбата. Сепак, само шест минути подоцна, Запакоста се запиша меѓу стрелците и пред пауза одново донесе два гола позитива за Џенова. 

Очекувано, темпото падна во второто полувреме и немаше премногу шанси. Кротоне беше инфериорен и не можеше никако да го загрози противничкиот гол. Казната за незаинтересираната игра стигна на 15. минути пред крајот на мечот. Позајмениот играч од Јувентус, Марко Пјаца се најде осамен во шеснаесетникот и откосо го постави конечниот резултат од 4-1. 

Амбициите на Џенова предводена од Роландо Маран се што порано да обезбеди опстанок во Серија А, за да не се повтори минатата сезона и во последното коло да стравуваат за место во елитата. Веќе следниот викенд, Пандев и Џенова гостуваат кај Наполи и Ељиф Елмас.