• Мартин Танасковски
Сагата околу иднината на Хулијан Алварез конечно заврши. Аргентинскиот напаѓач се врати на тренинзите на Атлетико Мадрид и ќе конкурира за настап на гостувањето кај Атлетик Билбао, потврди тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне.
Желбата на Алварез кариерата да ја продолжи во Барселона, недоволната физичка подготвеност по Светското првенство, како и здравствените проблеми, придонесоа за неговиот бавен старт на сезоната. Во текот на втората половина од август постојано се шпекулираше за неговиот статус и можен трансфер, но последните случувања јасно покажуваат дека преселба во Барселона ова лето нема да има. По враќањето во тренажен процес, Алварез повторно е во комбинација за настап, а Симеоне потврди дека смета на него за тешкото гостување на „Сан Мамеш“.
„Тренира многу добро и ќе конкурира за тимот. Се надеваме на најдоброто од него и од остатокот од екипата. Секогаш гледам напред, пред нас има многу предизвици во текот на сезоната. Одиме натпревар по натпревар со желба да изгледаме што подобро“, изјави Симеоне.
Аргентинскиот стратег се осврна и на турбулентниот период низ кој помина неговиот сонародник во изминатите недели.
„За мене животот е полн со можности. Хулијан сега има можност да ги направи работите на вистински начин. Често премногу време трошиме судејќи им на другите, наместо да учиме од искуствата. Се надевам дека ова за него беше лекција од која извлече поука. И дека ќе биде среќен, а како што му порача Пауло Футре, најдобро ќе го покаже тоа со голови“, порача Симеоне.
Алварез досега има само еден настап во новата сезона. Тој одигра 23 минути во ремито против Виљареал на 23 август, натпревар на кој беше пречекан со свирежи од дел од навивачите на Атлетико поради шпекулациите за неговата желба да се пресели во Барселона.



