Откритието на Лампард може да игра и за Нигерија и Канада, но ја одбра Англија

Фикајо Томори, младиот фудбалер на Челзи, кој оваа сезона е откритие на Френк Лампард, донесе одлука да го облече дресот на „Гордиот Албион“.

21-годишниот дефанзивец е роден во Канада, земја за која настапуваше како младинец, а затоа што неговите родители потекнуваат од Нигерија, има право да настапи и за африканската селекција. Но, на крај се реши да се бори со големата конкуренција во селекцијата на Герет Саутгејт. 

Тој доби повик за А-селекцијата на Англија за квалификациските дуели против Чешка и Бугарија и без многу размислување го прифати и со нетрпение го чека своето деби за европскиот гигант. 

„Да имаш можност да настапуваш за три селекции е и добра и лоша работа. Не очекував да добијам повик од Англија, но кога пристигна, не се двоумев многу. Тоа е сон. Израснав во оваа држава, гледајќи го англискиот фудбал и навистина сум горд што ќе имам можност и јас да играм на „Вембли“ во Лондон“, рече Томори. 

Оваа сезона Томори игра во одлична форма во дресот на Челзи, досега запиша девет настапи и постигна еден супер-гол.