• Мартин Танасковски
Претседателот на Управниот одбор на Спартак Варна, Алекс Илиев, со емотивна порака на социјалните мрежи се обрати до навивачите по заминувањето на македонскиот стратег Ѓоко Хаџиевски од тренерската функција.
Илиев истакна дека разделбата е пријателска и порача дека нема да има никакви потреси во клубот, иако заминувањето на искусниот тренер доаѓа само неколку дена по историската победа од 3-0 над градскиот ривал Черно Море.
„Почитувани навивачи,
Сакам лично да ви се обратам во врска со желбата на шефот на стручниот штаб, Ѓоко Хаџиевски, да го напушти клубот.
По неколкуте разговори што ги водевме и откако ја разгледавме целата ситуација, како и сè низ што поминавме заедно во изминатата година, повторно ќе застанам зад него. Затоа што, покрај фудбалот и сè што вие го гледате, пред сè сакам да потсетам дека сите сме луѓе.
За мене оваа година, рамо до рамо со толку искусен човек, беше бесценета. Кога го презедов клубот, немав никаква претстава што ме очекува. Работата со Ѓоко Хаџиевски беше од огромно значење и ќе остане едно од највредните сеќавања во мојот живот. И самиот тој исто така.
Во ниту еден момент не покажа вакви намери. Но, ако треба да бидам искрен, ставајќи се на негово место, можеби и јас би постапил исто.
Заминува по вторпат во историјата со високо крената глава, по сензационален успех! Засекогаш останува дел од историјата на Спартак Варна.
Издржа една исклучително тешка сезона, исполнета со притисок, неизвесност и безброј тешки моменти. Сето тоа го помина заедно со нас, и тоа на возраст која заслужува уште поголема почит. Можам само да посакам најпрво да ги дочекам неговите години, а потоа да изгледам и да бидам толку витален како него.
Чувствувам огромна почит и респект кон овој човек за сè што направи и за тоа што го стави своето име на коцка за Спартак Варна. Затоа и се разделуваме во целосно пријателска атмосфера.
Пред малку бевме заедно, разговаравме, го посетивме тренингот, а во моментот додека ја пишувам оваа порака, повторно сме заедно. И двајцата сакаме само едно – да ги зачуваме мирот, почитта и внатрешниот спокој во нашиот клуб.
Во наредните денови нè очекуваат тешки одлуки. Но, едно можам да ви ветам – нема да брзаме со изборот на новиот шеф на стручниот штаб.
И не, нема да има потреси. Со верба, смиреност и многу работа ќе ја надминеме и оваа ситуација.
А најважно од сè е едно – да го испратиме Ѓоко Хаџиевски онака како што заслужува. Како херој, и да не дозволиме инсинуации и измислици од недобронамерници да надвладеат!
Ви благодарам, господине Хаџиевски!“
Минатата сезона, Хаџиевски успеа и да го спаси Спартак од испаѓање во Втората лига.


