• Мартин Танасковски
Трофејниот италијански стратег Антонио Конте и покрај зголемените тензии и шпекулации во јавноста нема причина за непосредна грижа околу својата позиција во Наполи. Според извори блиски до клубот, управата нема намера да го менува тренерот за време на претстојната репрезентативна пауза, но Конте ќе мора сериозно да поработи на стабилизирање на атмосферата во тимот и на враќањето на дисциплината која му беше заштитен знак во неговите претходни клубови.
Последниот пораз во Болоња беше јасен сигнал дека нешто не функционира како што треба во редовите на актуелниот шампион на Италија. Тимот што минатата сезона доминираше во Серија А, оваа есен делува без идеја, без интензитет и без препознатливата енергија што го красеше патот до титулата. По натпреварот во Болоња, атмосферата во соблекувалната била напната. Конте веднаш побарал итен состанок со претседателот Аурелио Де Лаурентис, а разговорот, иако искрен и директен, потврдил дека меѓу нив нема конфликт. Напротив, двете страни се согласиле дека италијанскиот стратег ќе го води тимот најмалку до крајот на сезоната, но и дека ќе се бараат конкретни решенија за подобрување на внатрешната динамика во клубот.
Според новинарот Масимо Углини, тензиите во Болоња во соблекувалната биле само каписла која испукала заради претходно наталожени проблеми. Конте, кој е познат по својата строга работна етика и бескомпромисен пристап, се почувствувал изневерен од играчите поради тоа што прифатил да им ја намали интензивноста на тренинзите, компромис што требало да им помогне на поискусните фудбалери, но наместо тоа, резултирал со пад во формата и недостиг на резултати. Наполи оваа сезона има далеку погуст распоред во споредба со минатата, бидејќи настапува и на европската сцена. Возраста на тимот и физичките предизвици се фактори кои влијаат врз нивната игра, а намалената динамика на тренинзите очигледно не донесе позитивен ефект. На последните три натпревари Наполи не успеа да оствари победа, што предизвикала силна реакција на Конте и незадоволство во соблекувалната.
По репрезентативната пауза, Наполи ќе се соочи со Аталанта, која исто така минува низ турбулентен период и неодамна го смени својот тренер. Натпреварот закажан за 22 ноември ќе биде дуел на два „повредени“ тима и можност да се види кој подобро ја искористил паузата за да го ресетира системот и да се врати на победничките патеки.







