Откриена голема грешка на Интер: „Од клубот не веруваа во Верати!“

Поранешниот предводник на Интер, Андреа Страмачони изнесе податок кој фановите досега не го знаеја. Италијанецот зборуваше за Марко Верати, играчот кој во 2012 година прејде од Пескара во ПСЖ, а потоа се етаблира во еден од најдобрите на својата позиција. 

45-годишниот Страмачони го водеше Интер токму во времето кога Верати се појави на фудбалската мапа, а тој изјави дека сакал да го доведе во Милано, но од клубот не верувале во него. 

„Марко Верати и Лоренцо Инсиње играа во Пескара и беа на ниво повеќе. Марко ја прескокна Серија А, замина во ПСЖ. Сакав Верати да дојде во Интер, Морати се обиде, но клубот се плашеше да се обложи на него, никој не му веруваше“, изјави Страмачони. 

Од тогаш, Верати прејде во ПСЖ, запиша 341 натпревар за клубот и веќе се етаблира во легенда и човек кој ужива голема популарност меѓу фановите, а од Интер дефинитивно имаат за што да жалат.