Откриена е платата на Мурињо во Бенфика, таа е тројно помала oтколку во Фенербахче

Легендарниот португалски тренер Жозе Мурињо се согласи на најниската плата во последните две децении, само за повторно да седне на клупата на Бенфика.

Летово искусниот тренер беше отпуштен од Фенербахче откако заврши единаесет бода зад шампионот Галатасарај, а желбата на клубот за поатрактивен фудбал беше наведена како причина. Претседателот на Бенфика, Руи Коста, потврди дека двегодишниот договор на Мурињо вреди околу три милиони евра нето во првата сезона, а се зголемува на четири милиони евра во втората. Само за споредба Моу во Фенербахче заработуваше по десет милиони по сезона. 

„Нема да ја кажам вкупната сума, не сум овластен да кажам колку заработува. Дали им го поставивте тоа прашање на челниците на Спортинг и Порто? Тренер од ваков калибар има цена. Не мислам дека е правилно да се зборува за неговата плата на телевизија. Тоа е вреден договор, но не е над она што го заработуваше Роџер Шмит. Можам да ви го кажам тоа, но не ме прашувајте да кажам колку заработува“, додаде тој.

Кога беше дополнително притиснат, тој ги спомена бројките.

„Отприлика бројката е околу три милиони. Не е прашање на транспарентност или не, не мислам дека е логично претседателот на Бенфика да открива колку заработува одредено лице“, заврши Руи Коста. 

Договорот, исто така, содржи посебна клаузула за раскинување што ѝ дозволува на која било од страните да ја раскине соработката десет дена по последниот натпревар од сезоната.