Отказ за селекторот кој им донесе светска титула на шпанските фудбалерки

Шпанската фудбалска федерација објави дека го раскинува договорот со селекторот на женската репрезентација, Хорхе Вилда. 42-годишниот стратег ги предводеше шпанските девојки до првата историска титула од Мундијалите, но добива отказ неполн месец по овој голем успех. 

Оваа одлука доаѓа како резултат на скандалот што изби со претседателот на федерацијата, Луис Рубиалес, кој во уста ја бакна репрезентативката Џени Хермосо на прославата по финалниот натпревар. ФИФА му изрече привремена суспензија на Рубиалес, а отказот за селекторот доаѓа од новото законодавно тело, формирано пред само една недела. 

Во официјалното соопштение не се споменува горенаведениот скандал, туку едноставно федерацијата „се заблагодарува за сите успеси на досегашниот селектор Вилда и му посакува многу среќа во иднина“. Шпанската јавност е убедена дека прекинот на соработката доаѓа поради несогласување со федерацијата и жали што во овие историски моменти, се случуваат вакви несфатливи скандали.

Дел од навивачите на репрезентацијата пишуваат на социјалните мрежи разни коментари, а шпанските медиуми како највпечатлив го издвоија „освоивме светска титула, а целиот свет ни се смее“.