Откако сам си плати да си замине од Кина, Пато се врати во Бразил

Некогашната голема надеж на бразилскиот фудбал, Александре Пато, по раскинувањето на договорот со кинески Тајџин, за краток период успеа да пронајде нов клуб и својата кариера ќе ја продолжи во тимот на Сао Паоло. 

Во последниот период за неговиот потпис се бореа уште Коринтијанс и Сантос, но 29-годишниот напаѓач се реши да се врати на „Морумби“, каде настапуваше пред пет години. 

Според тамошните медиуми, Сао Паоло беше најконкретен во понудата, откако прифати да го плати обештетувањетео од 2,5 милиони евра, кое Пато сам го регулирал за да го раскине договорот со кинескиот тим. 

Пато нема има право да настапува во државниот шампионат Паулиста, бидејќи рокот за пријавување на овој шампионат беше до 22 март, па така на тимот ќе може да му помогне само во бразилската Серија А, која започнува за две седмици.