Освојувачот на Лига Европа „пука по сите рабови“, клубот е пред банкрот!

Шпанскиот прволигаш Севиља никако не успева да излезе од финансиската криза, во која се наоѓа, и ситуацијата станува сѐ подраматична со секој изминат ден, јавуваат медиумите на Пиринеите. 

Севиља е еден од најуспешните клубови во 21 век и освои дури седум титули во Купот на УЕФА или подоцна реформиран во Лига Европа. Сепак, проблемите кои се таложеа сега излегуваат на виделина и на клубот му се заканува целосен банкрот! Медиумите пишуваат дека освен финансиските проблеми, има големи несогласувања и меѓу челните лица во клубот, а тоа само дополнително ја отежнува целата ситуација. 

Се шпекулира дека на последниот состанок дошло до физичка пресметка помеѓу поранешниот и актуелниот потпретседател, кои се воедно татко и син, а се работи Хозе Марија Дел Нидо и Хозе Марија дел Нидо Караско. Најпрво биле разменети погрдни зборови, а потоа дошло и до мала физичка пресметка која не траела долго, но сепак, фрла голема дамка врз управата и функционирањето на клубот во блиска иднина. 

Севиља подолго време е предмет на истрага за наводна корупција и сомнителни трансфери, а банките ги стопираа сите кредити за клубот и одамна не исплаќаат никакви суми на андалузискиот прволигаш. Иако беше најавувано дека управата ќе ги реши овие проблеми, сепак до такво нешто сѐ уште не е дојдено, а навивачите се во шок и се надеваат дека челниците ќе го пронајдат „рецептот“ за спас на клубот. 

Минатото лето Севиља се обиде да продаде голем дел од играчите, но не успеа во својата намера, а сезонава мака мачи со формата и во моментов се наоѓа на 15. место во Примера. Медиумите веќе неколку пати објавија дека во клубот „пука по сите рабови“, па останува да видиме дали во догледно време славниот шпански прволигаш ќе изнајде решение за големите проблеми во кои се наоѓа.