• Саше Љолес
Русија сигурно нема да настапи на Европското првенство во Германија следната година, а причините се одамна познати. Воената агресија во Украина ја принуди УЕФА да ја суспендира „зборнаја“, а сега се најавува дека уште еден национален тим ќе ја доживее истата судбина.
Станува збор за репрезентацијата на Белорусија која веќе ги започна квалификациите и одигра два меча во својата група. Европскиот парламент уште пред две недели објави дека побарал од претседателот на УЕФА, Александер Чеферин да ја потврди суспензијата за Белорусија, но тоа не се случи, а сега се шпекулира дека притисокот за оваа одлука дополнително се зголемува.
Најавено е дека УЕФА ќе ја донесе конечна одлука на четврти април, а како главна причина за евентуалната суспензија е наведено „партнерството на Русија и Белорусија во воената агресија“.
Белорусија е во групата со Швајцарија, Романија, Косово, Израел и Андора и веќе одигра два меча во кои забележа порази од Романците со 2-1 и убедливо загубија од Швајцарија со 0-5. Доколку се случи селекцијата да биде суспендирана, тогаш ќе бидат избришани победите на овие два тима и тие натпревари ќе се сметаат како воопшто да не се одиграле.
Белоруската фудбалска федерација најави дека ќе поднесе жалба при евентуална одлука за суспензија, па деновиве останува да видиме каква ќе биде разврската во овој случај.