Осогово со пет нови фудбалери ќе „брка“ опстанок во ВМФЛ

Македонскиот второлигаш, кој се натпреварува во источнaта група, Осогово од Кочани непосредно по почетокот на подготовките за пролетниот дел од сезоната го засили ростерот. 

Прво во сениорскиот тим беа приклучени пет младинци од академијата, а денес кочанчани промовираа уште пет новодојдени фудбалери. Засилувањата кои пристигнаа покриваат различни позиции и тоа: играч за врска, централен дефанзивец, напаѓач, лев бек и голман. 

Во тимот на Осогово ќе се приклучи 25-годишниот Ѓорѓе Глигоров, кој игра на средината на теренот, а настапувал за Беласица, Силекс, Хоризонт Турново, Каменица Саса и Детонит. На стоперската позиција пристигна Христијан Крклински (23), кој го носел дресот на Пелистер, Новаци, Скопје, Црно Буки ЗЛ и Кравари

Бобан Здравевски (20) игра во шпицот на нападот а доаѓа од екипата на Питу Гули. Претходно има настапи за Пелистер, Детонит и Струга Трим Љум. На левата бековска позиција пристигна Глигор Дончев (21) од Академија Пандев, додека меѓу стативите Марио Сандевски (20) од Кит-Го. 

Инаку, Осогово се наоѓа на претпоследната позиција во ВМФЛ-Исток, а борбата за опстанок ќе биде многу тешка. Заостанувањето од првата безбедна позиција на табелата, каде се наоѓа Плачковица, моментално е шест бодови. 

Пролетниот дел од сезоната оваа екипа ќе го стартува со домашниот дуел против лидерот Беласица на 29 февруари.