Осогово доби нова управа, прва цел е стабилизација и опстанок во ВМФЛ

Некогашниот македонски прволигаш Осогово официјално доби нова управа која ќе има за задача да го врати стариот сјај на клубот и која ќе се обиде прво да го задржи во второлигашката конкуренција, а потоа и со амбициозен проект, да го врати кочанскиот тим во Првата лига.

Главна точка на дневниот ред на годишното собрание на ГФК Осогово на стадионот „Никола Мантов“ беше изгласување и усвојување на новиот Управен одбор (УО) од досегашното АД ХОК тело.

За нов претседател со едногласна одлука е изгласан Горан Милосов, а останатите членови на УО се Оливер Досевски (потпретседател), Симеончо Стоиков (генерален секретар), Кристијан Димитријев (заменик генерален секретар), Горан Теодосиевски (спортски директор), Зоран Тодоров (кординатор на младинските категории), Витомир Алексов (комесар за безбедност), Мартин Кировски (помошник комесар за безбедност) и Горан Стојановски (правник).

Шеф на стручниот штаб е Крсте Крстев, помошник Дејан Манчевски, а тренер на голманите Александар Андов. Прва цел на новото раководство е да се стабилизира клубот и да опстане во Втората лига, како и да се врати публиката на трибините. Први што ќе направат кам-бек се навивачите „Сејмени“, кои го најавија тоа на состанокот.