Османоски: За Брегалница слушнав само позитивни работи, ако продолжиме вака можеме до ПМФЛ! 

Екипата на Брегалница одлично ја отвори новата сезона на Втората македонска фудбалска лига и уште од самиот старт ги потврдува амбициите за враќање во македонската елита. 

Меѓу плеадата млади фудбалери кои го красат тимот и го носат товарот на терен, можеби најдобро се снајде новајлијата Анес Османоски, кој за клупскиот сајт истакна деке верува во овој проект и се надева на голем успех.

„Навистина сум изненаден од организациската поставеност и условите во Брегалница. Пред да ја прифатам понудата за соработка навистина од разно-разни страни добивав информации за македонскиот фудбал, но и за Брегалница кој е клуб со огромна традиција во Македонија. Слушав позитивни работи за Брегалница пред да дојдам, но навистина може да кажам дека професионалното ниво на кое се работи во клубот е и над моите очекувања. Може слободно да кажам дека ги имаме сите предуслови за 100% работа“, вели Османоски.

Фудбалерот од средниот ред веќе е стандарден првотимец во составот на Добринко Илиевски. Восхитен е од одличната атмосфера во тимот која носи позитивни резултати.

„Сезоната ја почнавме одлично. Можеби за многумина и неочекувано вака доминантно, но искрено ние во тимот очекувавме ваков старт. Сепак, добро е што квалитетот го потврдивме на терен. Почетните натпревари ни носат дополнителен мотив за уште подобри партии во продолжението од првенството. Мора да продолжиме во ист стил и без потценување на ниту еден противник. Ако продолжиме така не гледам пречки за нашите амбиции за влез во Првата лига“, додава 19-годишниот Османоски.

Во следното коло Брегалница ја очекува ново гостување против Саса во Македонска Каменица.