• Горан Упале
Искусниот фудбалски стратег, Ќатип Османи, во неделата го забележа својот 365-ти натпревар во Првата македонска фудбалска лига како тренер, но прв како кормилар на Струга Трим Љум.
Македонскиот шампион на дебито на Османи во ПМФЛ извојува тешка победа над Тиквеш од 1-0.
„Иако не одигравме како што сакавме, најважно е што ја остваривме целта и на крајот ги освоивме трите бода. Во текот на првото полувреме екипата не рефлектираше како што треба, но во вториот дел бевме подобри, поопасни, што беше пресудно за победата.
Да бидам искрен, бевме свесни дека Тиквеш ќе дојде во Струга да се брани, но не до овој степен. Нивната игра се базираше на контра напади, а преку нив ни се заканија по еднаш во двете полувремиња, но тоа беше сè од нив, а со оглед на тоа што постојано го баравме голот, на крајот бевме наградени“, рече Османи.
Струга имаше неуспешна европска авантура и беше елиминирана уште во првите настапи во квалификациите за Лигата на шампионите и Конференциската лига, па сега сите сили ќе ги насочи само кон домашниот шампионат.