Османи: За Шкупи секој натпревар е финале, во Кратово одиме по бодови!

Шкупи е моментално најлош во Првата македонска фудбалска лига. „Чаирчани“ се наоѓаат на дното на табелата со само еден освоен бод од ремито со Работнички и дури десет порази. 

Од неодамна улогата на прв тренер ја понесе Минас Османи, човекот кој веќе подолг период работи во стручниот тим. Токму тоа му е предност, добро го познава тимот и верува во младата група на фудбалери. Османи пред мечот со Силекс најави дека Шкупи нема да оди во Кратово само на прошетка, туку сака бодови од оваа средба.

„Знаеме дека се наоѓаме во тешка ситуација и дека ни се потребни позитивни резултати, но она што ме радува е фактот дека атмосферата во клубот и во тимот е многу добра. Имам на располагање група на млади фудбалери кои носат енергија и позитивен дух, што е многу важно за нас како екипа. Иако официјално сум прв тренер само една недела, јас цело време сум бил покрај тимот, добро ја познавам екипата, секој играч и начинот на кој функционираме како група. Цврсто верувам дека со работа и посветеност ќе успееме да излеземе од оваа ситуација.

Против Силекс не одиме само да учествуваме – одиме во Кратово да освоиме бодови. За нас секој натпревар е како финале. Работевме максимално во текот на неделата и сериозно се подготвивме за овој натпревар. Нашата цел е јасна – да ги освоиме трите бода и да си дадеме на себе и на нашите навивачи причина да веруваат уште повеќе во оваа екипа“, изјави Османи.

Натпреварот меѓу Силекс и Шкупи на „Градскиот стадион“ во Кратово се игра денес во терминот од 13:00 часот.