Османи: Во првиот дел не бевме на ниво, потоа се подобривме – но се случи тоа што се случи!

Тренерот Ќатип Османи даде свое мислење по елиминацијата на Струга Трим Љум од квалификациите во Конференциската лига. Иако амбициите беа многу поголеми, овој пат македонскиот шампион натпреварувањето го заврши во второто елиминациско коло.

Победата од 2-1 на првиот натпревар во Охрид се покажа како недоволна за стружани, затоа што Пјуник пред својата публика со гол во самиот финиш славеше со 3-1 и оди понатаму.

„Во првото полувреме не бевме на вистинското ниво. На противникот му дозволивме многу простор да нè нападне и како резултат ги примивме двата гола.

Благодарение на Ибраими, успеавме да се вратиме на крајот од првото полувреме. Можам да кажам дека второто полувреме беше рамноправно, неколкупати се обидовме пред противничкиот гол, но безуспешно. На крајот се случи тоа што се случи, го примивме и третиот гол со кој сме елиминирани од европските натпреварувања“, изјави тренерот Ќатип Османи.

Денешниот натпревар против Пјуник беше јубилеен триесетти за тренерот Османи во европските натпреварувања.