Османи: Приоритет е победа, но мора внимателно против Пјуник

Фудбалерите на Струга Трим Љум ќе ја продолжат европската авантура во Конференциската лига на УЕФА, откако беа елиминирани од првото претколо во Лигата на шампионите. За ривал го добија тимот на Пјуник, кој во елитното натпреварување загуби двомеч од Динамо Минск. 

На официјалната прес-конференција се обрати тренерот на стружани, Ќатип Османи. Тој нагласи дека императив е да се победи, меѓутоа не смее да се залетаат.

„Пјуник е тим кој е доста дисцпилиниран и борбен. Во последните два меча против Динамо Минск се обидоа да играат добро во дефанзива, а да нападнат преку контри. Навистина станува збор за квалитетен противник, но мислам дека поседуваме квалитет за да ги победиме. Мојот тим е комплетен, само еден играч е под знак прашалник поради физичка спремност. Подготвени сме за утрешниот натпревар.

Во првиот меч имаме приоритет да победиме. И покрај тоа мора да сме внимателни во двомечот. Пјуник е тим кој игра поинаку на гости, а поинаку дома. Тоа е аспект на кој мора да обрнеме внимание“, изјави Османи.

Мечот меѓу Струга и Пјуник се игра на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, в среда во терминот од 17:00 часот.