• Горан Упале

По нешто повеќе од два месеци пауза, прволигашите повторно се во акција. Денес ќе се одигра комплетното 19. коло во Првата македонска фудбалска лига, а прво пролетно.
Покрај дербито на Градски, каде ќе се судрат Вардар и Шкендија, дерби натпревар ќе се игра и во Маџари помеѓу Гостивар и шампионот Струга Трим Љум. Искусниот тренер на шампионот, Ќатип Османи го најави натпреварот против амбициозниот клуб од Гостивар.
„Дерби натпревар од старт. Го чекавме овој натпревар, добро се подготвивме и мислам дека сме подготвени за надигрување со Гостивар. Ние сме шампиони и како такви нема да се предадеме и покрај тоа што играме на гости. Верувам во позитивен резултат. Задоволен сум од подготвителната фаза која ја спроведовме во два дела. Кога зборуваме за контролните натпревари, можам да кажам дека на тие натпревари тимот покажа две лица. Со засилувањата во овој преоден рок можам да кажам дека сме задоволни, згора на тоа во овој втор дел од сезоната ќе бидеме посилни со двајцата капитени Буњамин Шабани и Бесмир Бојку. И двајцата покажаа дека се многу важни за тимот и на контролните натпревари“, рече тренерот на шампионот, Ќатип Османи.
Дербито во Маџари започнува од 14:00 часот, за кога се закажани и останатите натпревари во ПМФЛ.