Османи: Ни недостигаше агресивност, а Слован нè казни

Фудбалерите на Струга Трим Љум ќе продолжат да се натпреваруваат во Конференциската лига, каде што ќе играат против Пјунил. Македонскиот првак беше елиминиран од првото претколо на Лигата на шампионите, откако го загубија двомечот против фаворитот Слован Братислава. 

По реванш дуелот на „Билјанини Извори“ во Охрид, тренерот на струшкиот тим Ќатип Османи ги анализира сегментите на поразот. 

„Лошо го отворивме натпреварот. Не бевме добри во позиционата игра, а тоа направи да изгледаме како на дуелот во Братислава кога примивме голови по грешки. Не покривавме добро меѓу линиите, особено на средината од теренот и така падна првиот гол. Вториот беше казна од страна на Слован. Ни недостигаше агресивност, особено беше така во првиот дел. 

Слован беше побрз и поагресивен од нас. Не ги знам статистичките параметри, меѓутоа знам дека во двата меча беа подобри од нас. Тие беа главните причини поради кои загубивме. Им посакувам среќа на Словаците во натпреварувањето“, изјави Османи.

Струга сега оди на двомеч против Пјуник, ерменскиот клуб кој беше елиминиран од Динамо Минск на патот кон елитното натпреварување. Првиот меч се игра следниот четврток во Охрид, а седум дена подоцна е закажан реваншот во Ереван.