Османи: Најголемиот товар за елиминацијата паѓа кај мене!

Шкендија важеше за голем фаворит во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите против Номе Каљу, но доцен гол во 91. минута ги исфрли тетовчани од елитата и ќе мора да продолжат во Лигата на Европа.

По натпреварот, тренерот Ќатип Османи истакна дека Шкендија и на овој натпревар немала соодветна реализација и затоа дошла елиминацијата од Лигата на шампионите и тоа од далеку послаборангиран противник.

„По првиот натпревар често споменував дека ни фали реализацијата. Во овој двомеч, таа се покажа како недоволна. Што се однесува до мечот, игравме едно бледо прво полувреме, во второто можеби бевме малку подобри, но сепак, недоволно за победа. Доцневме во нашата игра, немавме агресивност, резултатот не го контролиравме. Знаевме дека од прекините се опасни. Но, не реагиравме како што треба. Не би сакал да издвојувам голман, одбрана или среден ред, сите заедно потфрливме. Мојата задача како тренер е сега прво да ја вратам атмосферата и да се спремиме за наредниот меч. За оваа елиминација товарот паѓа кај мене. Мора да седнеме и да анализираме, па заедно да гледаме напред“, изјави Османи.

Шкендија патува во второто квалификациско коло на Лигата на Европа, каде ќе игра со испаднатиот од натпреварот меѓу Валета или Дудленаж (2-2).