Османи: Играме против најдобриот тим од Словачка, но подготвени сме за овој предизвик

Струга Трим Љум во среда го игра првиот натпревар против Слован Братислава, во рамки од првото коло од квалификациите за групната фаза во Лигата на шампионите. Стружани ќе гостуваат во Братислава, кај тимот за кого Ќатип Османи смета дека е најдобар во Словачка.

„Во подготвителниот период се трудевме максимално подготвени да го дочекаме овој натпревар. Со работата што ја завршија играчите на пријателските натпревари, верувам дека сме подготвени за утрешниот натпревар.

Се работи за најдобриот тим во Словачка, клуб со традиција и многу добри резултати, па максимално ги почитуваме. Се обидовме да ја анализираме нивната игра преку пријателските натпревари кои ги имаа, па дури и преку последните натпревари во првенството. Свесни сме дека утре можат да бидат сосема поинакви на теренот, поради некои играчи кои играа на Европското првенство“, рече искусниот тренер.

Османи додаде дека е нов во клубот, но поради играчкиот квалитет нема да му биде тешко да ја всади неговата филозофија во тимот.

„Јас сум нов тренер во овој тим, ја презедов Струга Трим Љум пред нешто повеќе од еден месец. Струга бележеше добри резултати и пред да дојдам, мислам дека нема да ми биде тешко да сменам нешто, особено во однос на филозофијата на играта. Доведовме неколку нови фудбалери кои досега се покажаа како навистина добри засилувања за тимот“, додаде Османи.

Натпреварот меѓу Слован Братислава и Струга започнува од 19:00 часот.