Османи гостува во Тетово, шампионот сака да ја заврши годината победнички

Творецот на сите успеси на Шкендија на Дестани, Ќатип Османи денес првпат како противник ќе се соочи со својот поранешен клуб. Откако ја победи Шкендија на „Чаир“, сега Османи ќе се обиде да му откине бод(ови) и во Тетово. Променливата форма на шампионот и играта во стилот „топло-ладно“ им дава надежи на фудбалерите на Шкупи, иако фаворит во Тетово може да биде само Шкендија.

Двете екипи мора да ги админстрираат силите, бидејќи в среда им следи натпревар од четвртфиналето на Купот на Македонија, а веќе в недела и последното 18. коло (Шкендија гостува кај Вардар, а Шкупи ја пречекува Македонија Ѓорче Петров).

Ѓока никако да фати континуитет, па кога се мислеше дека победата против Ренова ќе понуди некоја нова Шкендија, дојде поразот во Струга и враќање чекор назад.

Последни пет меѓусебни натпревари:
28.09.2019 - Шкупи - Шкендија 2-0
27.04.2019 - Шкендија - Шкупи 5-1
10.03.2019 - Шкупи - Шкендија 1-0
04.11.2018 - Шкендија - Шкупи 3-0
02.09.2018 - Шкупи - Шкендија 1-2

Правдата на ова дерби ќе ја дели Димитар Мечкаровски, а се очекува поголема посета за последниот домашен натпревар на Шкендија оваа година.