Османи: Доминиравме, создадовме безброј шанси, но немавме среќа во реализацијата!

Бранителот на титулата во националниот Куп, Шкендија, неочекувано запиша пораз во првиот четвртфинален дуел против Победа. 

Тетовчани, иако доминираа во текот на сите 90 минути, во клучните моменти им понедостига реализација. Сепак, тренерот Ќатип Османи верува во успех на реванш мечот против прилепската екипа. 

„Шкендија доминираше од првата до последната минута, создадовме многу шанси, но немавме среќа во завршницата. Во моментите кога сите очекувавме ние да постигнеме гол, гостите на казнија и стигнаа до водство. Во вториот период дојде тој црвен картон на Бејтулаи, но и покрај тоа Шкендија напаѓаше и беше многу блиску до израмнување. За жал не стигнавме до тоа, но има и втор натпревар и сигурен сум дека на тој дуел ќе ја поминеме таа бариера. Шкендија игра на победа на секој натпревар, со таа филозофија играчите излегуваат на терен, без разлика на противникот“, рече Османи. 

Реванш мечот меѓу Победа и Шкендија, кој ќе го даде полуфиналистот на Купот на Македонија се игра на 5 декември.