ВИДЕО: Осма победа по ред за „кралевите“, титулата пред преселба во Мадрид

Шпанија е на прагот да добие нов шампион, бидејќи на три кола до крајот на Примера, Реал Мадрид има четири бода повеќе од Барселона и доволни му се пет бода во последните три кола за титулата да се врати во Мадрид. Во последниот натпревар од 35. коло на Примера, Реал Мадрид и без капитенот Серхио Рамос го совлада Алавес со 2-0 (1-0) и уште в понеделник може да слави титула. 

По само десетина минути беше досуден пенал за „кралевите“ по прекршокот oд Наваро врз Менди, а со оглед на тоа што Рамос е казнет, Бензема ја презеде одговорноста и го отвори резултатот (1-0). Прегледувањето на снимката во ВАР-собата пронајде прекршок и истиот е направен во казнениот простор и судијата Хил Манзано покажа на белата точка. Баскијците имаа свои шанси, долго време играа рамноправно, го погодија и дирекот, но на одмор се замина со 1-0.  

Во 50. минута по прегледување на ВАР-снимката признат беше голот на Марко Асенсио, на додавање на Бензема за 2-0. Хоселу имаше серија на шанси, но Куртоа пак ја сочува својата мрежа и Реал запиша осма победа по ред по рестартот на Примера. Лоша вест за Зидан е повредата на Бензема, но по подолго време во тимот се врати Лукас Васкез. 

Веќе в понеделник Реал Мадрид гостува кај Гранада во 36. коло и теоретски може да се радува на шампионската титула во шпанскиот шампионат. Алавес поовој пораз влегува во проблеми и уште не го обезбедил опстанокот.