• Иван Димовски
Фудбалерите на Наполи и Барселона одиграа нерешени 1-1 (0-0) во првиот осминафинален натпревар од двомечот во Лигата на шампионите. Натпреварот на „Диего Армандо Марадона“ понуди само два гола во вториот дел, Барселона подолго време диктираше темпо, ама откако даде само еден гол, домаќинот преку Осимен го анулира и се избори за активен резултат во пресрет на реваншот.
- Извештај од натпреварот:
Гостинот од Каталонија тргна подобро на стадионот под Везув, расположен беше Ламин Јамал кој влезе во две шанси, а се закануваа уште Левандовски и Гундоган. Сепак, Наполи успеваше да ги одбие налетите, голманот Мерет реагираше во неколку ситуации, а и Барселона не погодуваше во рамките на голот при секој обид. Тоа доведе до полувреме без погодоци и со стартните 0-0.
Расположено во вториот дел тргнаа домаќините, кои се обидоа да се наметнат и повеќе ја имаа топката, меѓутоа не успеваа да искреираат вистински шанси. По точно еден час игра Роберт Левандовски покажа со каков голгетерски инстинкт располага, бидејќи откако доби малку простор на пеналтикот веднаш стрела за 0-1. По погодокот за предност, за Барселона добра шанса имаше и Педри, ама одново Мерет беше на висината на задачата.
Израмнувачкиот дел беше мајсторија на Виктор Осимен. Нигерискиот напаѓач се врати во тимот по настапите на Африканскиот Куп на нации, а веднаш успеа да стрела за својот клуб. Ангиса упати топка на пеналтикот, Осимен добро се загради и си изгради позиција од која едноставно не промашува, па погоди за 1-1 во 75. минута.
Наполи како да доби елан по постигнатиот погодок и во завршната фаза беше поконкретен и повеќе притискаше. Најдобрата можност ја имаше Замбо Ангиса по еден корнер, но со глава биеше крај голот. Средбата на крајот заврши со нерешени 1-1 и патникот во четвртфиналето ќе се бара на реваншот во Барселона на 12 март.