• Саше Љолес
Виктор Осимен игра во неверојатна форма за Наполи сезонава. Нигерскиот напаѓач е апсолутен лидер на тимот во походот кон титулата во Серија А, и заедно со Грузиецот Квича Кваратцкелија се главни алки во успешните изданија на наполитанците. Тука е секако и нашиот Ељиф Елмас, кој сезонава постигна осум голови и три асистенции.
Осимен ги импресионира сите со својот бескомпромисен став на теренот, добрата техника и секако, брзината што ја поседува. Полека, но сигурно, тој прераснува во еден од најдобрите светски напаѓачи и затоа не е чудно што за него постои сериозен интерес од гиганти како Челзи и Манчестер Јунајтед.
Одамна е познато дека Ерик Тен Хаг има голема желба да го види Осимен во редовите на „ѓаволите“, а и сумата од над 130 милиони евра за негов трансфер не би требало да е голем проблем за Јунајтед. Нивниот лондонски ривал, Челзи е исто така вклучен во трката за потписот на Нигериецот, но повеќето англиски медиуми велат дека оваа опција е помалку веројатна, особено ако „наполитанците“ не успеат да изборат место во Лигата на шампионите. Манчестер Јунајтед е во многу подобра позиција и учеството во Лигата на шампионите им е скоро загарантирано.
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, веќе неколку пати изјавуваше дека не сака ниту да помисли за трансфер на Осимен пред да заврши оваа сезона која е многу важна за тимот од Неапол. Се шпекулира дека управата на Наполи нема да ги разгледува понудите помали од 130 милиони евра, а таа сума може дури и да се зголеми.
Да потсетиме, Виктор Осимен дојде од француски Лил во Наполи во 2020 година, за рекорден трансфер во историјата на италијанскиот клуб. Сумата што Лил ја доби на својата сметка изнесуваше 75 милиони евра, па затоа многу медиуми во Италија пренесуваат дека Де Лаурентис сака убаво да заработи на овој трансфер.
Оваа сезона е убедливо најдобра за Виктор Осимен во дресот на Наполи. Досега постигна деветнаесет гола и четири асистенции, а во првенството има уште цели дванаесет кола за одигрување.