• Иван Димовски
Баерн Минхен го доби дербито на вториот натпреварувачки ден во Лигата на шампионите, против Манчестер Јунајтед (4-3). Средбата имаше различни сегменти. Јунајтед тргна добро, ама по киксот на Онана работите се сменија. Баерн доминираше во преостанатиот дел од мечот, а гостите се разбудија дури во завршницата.
Одговорност по мечот презеде голманот Андре Онана. Тој призна дека неговиот кикс го турна моралот на тимот и веројатно ги чинеше пораз во Минхен.
„Навистина е тешко по ваков пораз, бидејќи тргнавме многу добро. По моја грешка, загубивме контрола врз натпреварот. Ова е навистина тешка ситуација за нас, за мене уште повеќе бидејќи јас сум виновникот. Поради мене не победивме, ама мора да го надминам тоа. Таков е животот на еден голман.
Бевме добри со топка, Баерн не креираше шанси, а по првиот шут јас погрешив и мислам дека тоа беше клучен момент. Моралот на тимот падна по таа грешка, но мора да научам да сум силен. Не е лесно, ама среќен сум што се боревме до крајот. Имам многу да докажам тука, бидејќи стартот во Манчестер не ми е добар, не е таков како што посакував. Ова беше мојот најлош меч во Лигата на шампионите“, изјави Онана.
Камерунскиот голман минува тешки денови по доаѓањето во Манчестер. Тој не успева да ги докаже докрај своите квалитети и веќе е на мета на сериозни критики.