• Горан Упале
На крилјата на Расмус Хојлунд, екипата на Манчестер Јунајтед потешко од очекуваното запиша нова победа во Лига Европа. Англискиот гигант имаше негатива од 1-0 на гостувањето кај Викторија Плзен, но данскиот ас со два гола не дозволи нов кикс и донесе пресврт победа за Јунајтед (1-2).
- Викторија Плзен - Манчестер Јунајтед - 1-2:
Во претходните година и половина, колку што е меѓу стативите на Манчестер Јунајтед, Андре Онана честопати беше критикуван поради своето претерано чување на топката, по кое следуваше грешка и погодок на противникот. Токму тоа се случи и вечерва, откако во 48. минута му подари гол на Видра и домаќинот поведе со 1-0.
Сепак, предноста на Викторија не траеше долго, откако Амад Диало уште една потврди дека моментално е фудбалерот vo најдобра форма во Јунајтед. Младиот ас од Брегот на Слоновата Коска во свој стил ја измеша противничката одбрана и биеше кон голот, а на одбиената топка налета Хојлунд кој ја погоди празната мрежа за израмнување на 1-1. Во продолжение „ѓаволите“ беа поблиску до нов погодок, Маунт двапати не реализираше од чиста позиција, но затоа Хојлунд одново беше на висина на задачата и по воиграна акција со Бруно погоди за 1-2 и голема победа за англискиот тим.
По првата победа по месец и половина во Серија А, фудбалерите на Рома вечерва им се вратија на успесите и во Европа. Двата врзани реми исхода го загрозија местото на „волчицата“ за плеј-оф, но момците на Клаудио Раниери не дозволија нов кикс и со сигурни 3-0 го совладаа составот на Брага.
- Рома - Брага 3-0:
Пелегрини по само единаесет минути игра донесе водство за римјани, резултатот го зголеми Абдулхамид на стартот од вториот дел, а во самиот финиш конечните 3-0 ги постави Марио Хермосо. Брага последните 25 минути ги играше со играч помалку, откако исклучен беше Матеус.
Големи три бода освои и тимот на ПАОК, кој пред својата публика со 5-0 извојува триумф над Ференцварош и направи скок во зоната за плеј-оф.
- ПАОК - Ференцварош 5-0
На останатите натпревари Ница загуби на гостувањето кај Ројан Унион со 2-1, а со резутлат 2-2 завршија натпреварите Лудогорец - АЗ и Малме - Галатасарај.