Омерагиќ и ФФМ ја поддржаа иницијативата: Името на Рингов не смее да остане во ‘сенка’!

Фудбалската јавност во Македонија добива иницијатива што носи силна симболика и почит кон едно од најголемите имиња во македонскиот фудбал. Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) официјално ја поддржа идејата јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ да го носи името на легендарниот Васил Рингов.

Во документот објавен од ФФМ се потенцира значењето на ваквите потези за зачувување на историјата и вредностите на македонскиот фудбал.

„Големо име. Ќе стои и ќе одекнува. Засекогаш. Фудбалерите кои оставиле неизбришлива трага во македонскиот фудбал, заслужуваат трајна почит, признание и сеќавање“, стои во соопштението.

Своја поддршка за иницијативата јавно даде и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој преку социјалните мрежи испрати силна порака:

„‘Фудбал под сенка’ е неговата биографија, но името на Васил Рингов не смее да остане во ‘сенка’!“

Иницијативата има за цел да му оддаде заслужена чест на Рингов, еден од највпечатливите фудбалери во историјата на македонскиот фудбал, и да обезбеди неговото име трајно да биде врежано во колективната меморија на навивачите и идните генерации.