Омерагиќ го следат од МЛС, Кипар, Словачка... Цветковиќ има понуда да остане

Капитенот на Вардар, Азер Омерагиќ, кој зад себе има одлична сезона во дресот на „црвено-црните“, може да има нов клуб во новата сезона.

Напаѓачот беше најдобар стрелец на Вардар со 14 постигнати голови и даде придонес во освојувањето на шампионската титула. Неговите настапи не останаа незабележани, па според информациите интерес за негов ангажман постои од клубови од МЛС лигата, како и од екипи од Словачка, Кипар и Русија. Засега нема конкретна понуда, но не е исклучено во наредниот период да започнат официјални преговори.

Во меѓувреме, отворено останува и прашањето за иднината на српското крило Стефан Цветковиќ. Вардар му понудил продолжување на соработката и сака да го задржи во својот состав, но конечната одлука ќе зависи од тоа дали фудбалерот ќе ги прифати условите што му ги нуди клубот.

Во изминатите недели Цветковиќ се поврзуваше со трансфер во Русија, но според последните информации ситуацијата е далеку од решена и постои реална можност тој да остане на „црвено-црната“ страна од Скопје.