Омерагиќ: ВАР-системот е тука, добивме честитки од ФИФА и УЕФА за брзината!

Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, изрази задоволство од имплементираната ВАР-технологија која за првпат ќе биде употребена во македонскиот шампионат.

Кога дојде како претседател, Омерагиќ вети дека првото нешто на кое ќе работи ќе биде ВАР-системот и за кратко време успеа да го исполни ветувањето. Македонија доби три ВАР-соби кои се во Куќата на фудбалот за ПМФЛ, а доаѓа и возило со кое ќе може да се користи технологијата и на други поважни мечеви во останатите шампионати.

„ВАР-системот во Македонија конечно стана реалност. Она за кое работевме макотрпно во изминатиот период неколку луѓе сега стои пред нас. Ја набавивме целосната потребна технологија, имаме три модерни соби кои наскоро ќе бидат брендирани. Судиите ќе имаат целосна комоција. За овие три месеци направивме огромна работа. На многу поголеми федерации од нашата им беше потребна година дена, можеби и повеќе за да го спроведат ВАР системот. Затоа ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание, не им се вруваше дека за толку кратко време ќе успееме да го реализираме овој голем проект“, кажа Омерагиќ.

Сите судии во ВАР-собите ќе бидат македонски арбитри. Како главен човек на целиот ВАР-проект ќе биде Дејан Јакимовски, проектен лидер за имплементација на ВАР.