• Саше Љолес
Мајкл Олисе остава впечаток на повлечен фудбалер кој ретко зборува пред медиумите, но неговиот соиграч од Баерн Минхен, Александар Павловиќ, открива дека Французинот е сосема поинаков кога е меѓу луѓето со кои е близок.
Павловиќ зборуваше за односот со офанзивецот и откри дека зад неговиот сериозен јавен имиџ се крие забавна личност, која знае да ја разубави атмосферата во соблекувалната.
„Тој е сосема поинаков од сликата што ја остава во јавноста. Многу е забавен и симпатичен, а со нас многу се смее. Одлично се согласуваме и тој ми е добар пријател. Убаво е да поминуваме време заедно, а задоволство е и да играме на ист терен. Тој е навистина „златно“ момче“, откри Павловиќ.
Описот на германскиот репрезентативец е во целосна спротивност со настапите на Олисе пред камерите, каде што Французинот најчесто дава кратки и одмерени одговори.
Сепак, неговата воздржаност во јавноста очигледно не ја отсликува целосно неговата личност. Дел од навивачите сметаат дека е срамежлив пред медиумите, но има и такви што неговиот пристап го сметаат за малку дрзок и арогантен.









