ВИДЕО: „Олимпико“ експлодира во финишот, Лацио ја освои Копа Италија

Екипата на Лацио успеа да донесе трофеј во витрините и пред своите гледачи на „Олимпико“ ја совлада Аталанта (2-0), со што „небесно-сините“ го освоија трофејот во Копа Италија.

  • Извештај од натпреварот:

Дуелот беше скромен, но понуди доста борбен фудбал. Прашањето околу победникот се реши во второто полувреме, а кобни за Аталанта беа еден прекин и една контра на лацијалите, кои го употребија своето најсилно „оружје“ да дојдат до победа на овој дуел од голема важност.

Натпреварот на стадионот „Олимпико“ во Рим почна со доминација на Лацио. „Небесно-сините“ беа тие што ја диктираа играта, а имаа и две прекрасни шанси, преку Ачерби и Леива, кои останаа неискористени. Аталанта на својата прва прилика чекаше до 25. минута кога Де Рун шутираше, но обидот профуче крај дирекот.

Тоа беше се до паузата, а тимот од Бергамо доби добра можност да погоди во 49. минута преку Хатебур, но Стракоша беше на висината на задачата. Во 77. минута, Аталанта ја погоди и стативата по еден шут на Гомез, па казната за пропуштеното пристигна во 82. минута кога Леива изведе корнер, а Сергеј Милинковиќ-Савиќ реализира.

Аталанта потоа се отвори и тргна во тотална офанзива. По примениот гол тренерот Гасперини направи три измени, но залудно, затоа што во 90. минута, Кореа по еден прекин и украдена топка тргна во контра и вторпат погоди во мрежата на тимот од Бергамо, за конечни 2-0.

За Лацио ова беше седми трофеј во Копа Италија, или втор во низа.