Олимпик Марсеј го загуби трпението и се раздели со перспективниот италијански тренер! 

Перспективниот италијански тренер Роберто де Зерби повеќе не е шеф на стручниот штаб на Олимпик Марсеј, бидејќи клубот од „Велодром“ одлучи да го раскине неговиот договор со меѓусебна согласност по тешкиот пораз од Пари Сен Жермен во неделата.

Ако во редовите на еден од најголемите француски клубови му гледаа низ прсти на Де Зерби за тешкиот пораз од Клуб Бриж и несреќната елиминација од Лигата на шампионите, дебаклот против актуелниот европски шампион разоткри сè и можеби разделбата беше неизбежна.

Управата на Олимпик Марсеј не сакаше повеќе да чека, па во полноќно соопштение објави разделба со тренерот кој пристигна во клубот во летото 2024 година од Брајтон.

„По дискусиите во кои учествуваа сите актери во раководството на клубот - сопственикот, претседателот, директорот на фудбалскиот оддел и тренерот - беше одлучено за промена на тренерот на првиот тим. Ова беше тешка, колективна одлука, донесена по внимателно разгледување и во најдобар интерес на клубот да се соочи со спортските предизвици во последниот дел од сезоната.

Олимпик Марсеј сака да му се заблагодари на Роберто де Зерби за неговата инвестиција, посветеност, професионализам и сериозност, што е особено обележано со второто место освоено во текот на сезоната 2024/25. Клубот му посакува успеси во остатокот од кариерата“, се вели во соопштението.

Првиот следен натпревар по заминувањето на Де Зерби, Олимпик Марсеј ќе го игра во сабота дома против Стразбур, а ќе го дочекаат овој натпревар со двоцифрена негатива во однос на лидерот ПСЖ.