ВИДЕО: Олимпијакос во дерби со ШЕСТ гола му одржа лекција на вечниот градски ривал

Олимпијакос и Панатинаикос одиграа спектакуларно градско дерби во првото коло од грчкиот плеј-оф, а победата на крајот замина кај домашниот тим кој славеше со убедливи 4-2 (2-1). 

  • Извештај од натпреварот: 

Домашните фанови имаа многу причини за радост по само 16 минути игра, затоа што Јаремчук и Чикињо стрелаа по еднаш и донесоа двојна предност, но ПАО возврати со погодокот на Филип Младеновиќ. На паузата резултатот гласеше 2-1. Особено интересен беше првиот гол на Јаремчук уште во 47. секунда, по големата грешка на голманот Драговски. 

Тимот на Хозе Мендилибар беше подобар ривал и на стартот од вториот дел, а Роман Јаремчук погоди вторпат во гостинската мрежа, овој пат во 51. минута, носејќи повторно комотна предност (3-1). Се чинеше дека „детелинките“ немаат сила за кам-бек, делуваа дезорганизирано во овој период, но потоа се соземаа и тргнаа поофанзивно. Гостите добија пенал во 75. минута, а прецизен реализатор беше Фотис Јоанидис. 

Олимпијакос влезе во посакуваниот ритам по примениот погодок, повторно ја презеде иницијативата и на крајот успеа да го завери триумфот со четврти гол во мрежата на ПАО. Конечните 4-2 ги постави Харалампос Костулас во 83. минута, а гостите во самиот финиш останаа и со играч помалку по исклучувањето на стрелецот Јоанидис. 

На овој начин „црвено-белите“ уште еднаш ја изразија својата сериозна кандидатура за шампионската титула.