Олимпијакос ја обезбеди титулата во Грција и го разочара Динамо

Екипата на Олимпијакос го победи АЕК со 1-0 и на три кола пред крајот го освои трофејот наменет за шампионот на Грција.

Со оваа победа грчкиот клуб дојде на чекор до директен пласман во Лигата на шампионите, наместо да игра во квалификациите за натпреварувањето. Причината за тоа е европскиот коефициент и едното место посветено за најдобро рангираниот тим без обезбеден пласман. На оваа листа водечки е Глазгов Ренџерс, ама овој клуб има 15 бода негатива во однос на Селтик во борбата за титулата која е единствен предуслов. 

Разочарување по освоениот трофеј на Олимпијакос има во Загреб, бидејќи во трка за тоа место беше и Динамо. „Модрите“ дури и ако направат сензација во финишот на сезоната и некако го одбранат трофејот ќе мора да играат квалификации бидејќи имаат понизок коефициент од Грците (Олимпијакос има 56.600, а Динамо 56.000). 

За Олимпијакос грижа е уште норвешки Бодо/Глимт кој може да го грабне местото директно во европската елита само ако направи чудо. Норвежаните мора вторпат да го победат Лацио, потоа да победат и во двата полуфинални натпревари во Лигата на Европа, а во финалето смеат да загубат само на пенали за да соберат доволно поени.