Оле се жали од судењето: Јунајтед двапати беше оштетен, тажни сме

Манчестер Јунајтед по подолго време загуби во Премиер лигата и дозволи Сити да осамне на лидерската позиција на табелата. Во периодов кој е преполн со натпревари, ниту еден кикс на гигантите не треба да биде изненадување, но начинот на кој синоќа одигра Јунајтед против последнопласираниот Шефилд Јунајтед секако е големо разочарување (1-2).

Оле Гунер Солскјер, менаџерот на „ѓаволите“, не го криеше своето незадоволство од неочекуваниот пораз, но имаше големи замерки кон судиите, сметајќи дека Јунајтед беше оштетен на овој натпревар.

„Нема потреба да истражуваме премногу. Оваа сезона видовме многу резултати кои беа над сите очекувања. Секако, изненаден сум, но ние бевме една од најконзистентните екипи во последните неколку месеци. Тажни сме, но продолжуваме од нула. Ни недостасуваше креативност во нападот, а противникот одлично се бранеше и му честитам за тоа.

Но, мора да напоменам дека судиите направија две грешки кои директно влијаеа на настаните на мечот. Прво, Де Хеа беше фаулиран при голот на Шарп, додека на спротивната страна неправедно ни беше поништен гол токму поради прекршок над голманот, што го немаше“, рече норвешкиот стратег.

Со 40 освоени бода Јунајтед остана на втората позиција на табелата со само еден бод негатива во однос на Сити, но „граѓаните“ имаат еден натпревар помалку.