Оле: Се стремиме кон она што го направи Ливерпул, играме против еден од најдобрите на светот

Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед, ги предупреди своите играчи дека мора да бидат максимално концентрирани во текот на целиот натпревар со Ливерпул, доколку сакаат да слават победа над големиот ривал.

Во недела на „Олд Трафорд“ ќе се одигра најголемото дерби на англискиот фудбал, Јунајтед во деветтото коло од Премиер лигата ќе го пречека Ливерпул.

„Мораме да ги одиграме сите деведесет минути на врвно ниво, во напад и во одбрана. Посебно кога за ривал имаме тим како Ливерпул, кој е во одлична форма. Во своите редови има поединци со вештини од кои тешко можеш да се одбраниш, но ние како тим мора да бидеме агресивни, да бидеме подготвени и физички и психички.

Ќе мораме да бидеме на високо ниво од секој аспект за да постигнеме резултат против еден од најдобрите тимови во Европа. Тоа што тие го направија во последните четири години е она кон што ние се стремиме. Минатата година тие имаа тежок период со повреди, но сега се вратија“, рече Оле.

Првото големо дерби на Англија на програмата е в недела со почеток од 17:30 часот.