Оле: Се повредив при легендарниот гол во 1999 и паузирав, но вредеше!

Оле Гунар Солскјер, стратегот на Манчестер Јунајтед, пред натпреварот против Барселона на „Камп Ноу“ зборуваше за легендарното финале во 1999 година против Баерн Минхен и призна дека по голот за титула кој вечно ќе се памети, заработил повреда.

Во неверојатна завршница и два гола во екстра-времето, „ѓаволите“ тогаш го шокираа Баерн Минхен и дојдоа до европскиот врв. Солскјер влезе од клупата и се покажа како златна замена на Фергусон.

„Се повредив и го истегнав мојот преден лигамент на коленото. Пропуштив две или три недели за Манчестер Јунајтед, исто не играв и за Норвешка. Но, верувајте, повредата и лудата прослава вредеше. Го гледав голот многу пати, не можам да се сетам што точно чувствував во тој момент. Си ја завршив работата како напаѓач, направив нешто што сум го правел и претходно, а тоа е - постигнав гол. Бев на вистинското место, во вистинското време“, изјави Солскјер.

  • Легендарниот гол на Оле Гунар Солскјер на мечот против Баерн:

Наредниот месец, Манчестер Јунајтед ќе прослави 20 години од епската победа на „Камп Ноу“ во финалето на ЛШ во 1999 година, кое ја најави „триплетата“ на англискиот премиерлигаш.