• Горан Упале
Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед, вели дека Кристијано Роналдо со своето доаѓање ја подигна борбената готовност на сите во клубот.
Во Јунајтед е ритуал новите играчи да се обратат на тимот и да се претстават, а норвешкиот стратег откри дека во петокот вечерта и Роналдо застанал пред своите соиграчи во хотелот.
„Секој што доаѓа мора да се претстави - не секој го знае неговото име, но сега знаат. Рече дека се вика Кристијано и дека може да каже само толку“, се пошегува норвешкиот стручњак на прес-конференцијата по победата од 4-1 над Њукасл.
<<< ПОВРЗАНО - Португалска фешта во Манчестер: Роналдо и Бруно го средија Њукасл! (ВИДЕО)
На своето второ деби како „ѓавол“, Роналдо постигна два гола и го водеше тимот кон нова победа во Премиер лигата.
„Атмосферата околу клубот беше електрифицирана, навивачите навистина уживаа во претходните десет дена - откако тој дојде, имаше многу очекувања за оваа средба, и тие беа исполнети. Роналдо ги подигнува сите други, ги тера сите да се концентрираат - си поставува високи барања себе си, а тоа се пренесува на неговите соиграчи и нам. Затоа направи толку многу во кариерата, многу е дисциплиниран“, додаде Солскјер.
Манчестер Јунајтед и Челзи моментално имаат десет бода и го делат врвот на табелата, а „ѓаволите“ во следното коло ќе гостуваат кај Вест Хем, в недела од 15:00 часот.