Оле: Продолживме и по поразот од Ливерпул, натпреварот со Сити е посебен

Оле Гунар Солскјер одново „преживеа“ на кормилото на Манчестер Јунајтед и овој викенд пред себе има нов голем испит во Премиер лигата.

„Црвените ѓаволи“ го играат првото овосезонско градско дерби со Манчестер Сити, натпревар кој е од големо значење за норвешкиот стратег, кој веќе подолго време, поради променливите резултати на тимот, е на раб на отказно решение.

Во пресрет на дербито Оле вели дека со притисокот се бори уште од првиот ден кога дошол на „Олд Трафорд“ и дека не очекувал ситуацијата да биде полесна.

„Тоа е градско дерби, сите знаат колкав е влогот. Се разбира, тоа е посебен натпревар. Последен пат кога игравме пред навивачите, атмосферата беше неверојатна. Знаеме дека ова е многу важен натпревар. Играчите се обединети, знаат дека си се потребни и дека тимскиот дух е важен.

Откако стапнав низ оваа врата, шпекулациите не престануваат. Не очекував дека ќе биде лесно кога станав менаџер на Јунајтед. Продолживме и по поразот од Ливерпул, забележавме добри резултати“, изјави Солскјер.

Големото дерби на Манчестер се игра денес, на „Олд Трафорд“, со почеток од 13:30 часот.