Оле: Јунајтед е сигурен во финале? Не заборавајте што направи Рома пред неколку сезони

Оле Гунер Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед вели дека неговиот тим сè уште не се пласирал во финалето од Лигата на Европа, иако во Рим ќе гостува со огромна позитива, стекната на првиот дуел на „Олд Трафорд“.

Англискиот гигант пред нешто помалку од една седмица го одигра најдобриот овосезонски натпревар на европска сцена, откако по негативата од 1-2 на полувреме, во вториот дел одигра перфектно и извојува убедлива победа од 6-2.

„Сите велат дека Јунајтед е веќе финалист во Лига Европа. Но, јас не се согласувам со тоа. Ќе ве потсетам дека Рома пред само неколку сезони направи сличен пресврт против Барселона во Лигата на шампионите.

Затоа нема да правиме калкулации и во натпреварот ќе влеземе како да е 0-0. Тоа е единствениот начин со кој Јунајтед треба да игра на овој реванш“, вели Оле.

Реванш средбата во Рим е закажана за вечерва од 21:00 часот, а Солскјер најави неколку промени во својот прв состав во однос на првиот натпревар во Манчестер.