Оле е голем фан на „Последниот танц“: И ние во екипата имавме лидер како Џордан

Оле Гунер Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед, вели дека голем дел од периодот во карантин го минува гледајќи филмови и серии, а откри дека е голем фан на серијалот за Мајкл Џордан, „Последниот танц“. 

Норвежанецот за англиските медиуми призна дека Џордан бил неговиот херој од детството и моментално ужива гледајќи ги приказните за кариерата на легендарниот кошаркар, а вели дека овој документарец исто така го наврати на времето кога настапуваше за „ѓаволите“.

„Документарецот ме врати во времето кога бев играч во тимот на Сер Алекс Фергусон. Кога го гледам Мајкал Џордан како лидер, во ист момент помислувам на Рој Кин, кој во тој тим ја имаше истата улога. Има доста сличности меѓу Чикаго Булс на Џордан и мојот Манчестер Јунајтед“, вели Солскјер.

47-годишниот стратег своевремено со Јунајтед ја освои Лигата на шампионите, во 1999 година, кога токму со негов погодок во 93. минута „ѓаволите“ го реализираа незаборавниот пресврт против Баерн Минхен (2-1).