ВИДЕО: Оксер по десет меча пауза со пресврт слави со Лион

Фудбалерите на Оксер победија по пауза од десет натпревари во француската Лига 1, откако со пресврт го совладаа фаворитот Лион (2-1). Средбата на „Aбе Дешамп“ тргна со гостинска предност, меѓутоа домаќинот со „блиц-криг“ дојде до целосен пресврт и на крајот победа. 

Лион беше подобар тим на теренот, имаше повеќе од играта и диктираше темпо, па на водечки погодок се чекаше до 36. минута. Толисо упати прецизна топка на петерецот, а таму со глава добро се снајде Муса Дембеле и погоди за 0-1.

Иако изгледаше дека Лион има сè под контрола, два прекини доведоа до пресврт. Во 50. минута Оксер доби најстрога казна по еден фаул, а сигурен од единаесет метри беше Перин за 1-1. Неполни 120 секунди подоцна, по еден корнер, Да Коста од прва статива префрли на втора статива, па Јубал кој беше осамен реализира за целосен пресврт (2-1). 

До крајот на мечот Лион се обиде да се врати, меѓутоа не успеа и претрпе непланиран неуспех за крај на добрата серија.