Окриашвили: Горам од желба да ѝ се одмаздиме на Македонија за болниот пораз!

Фудбалската репрезентација на Грузија е еден од ривалите на Македонија во новото издание од Лигата на нациите. Ждрепката посака нашиот национален тим да ги добие Грузијците, Бугарија и Гибралтар, а главниот играч на грузискиот национален тим сака одмазда.

Торнике Окриашвили од редовите на АПОЕЛ истакна дека бара одмазда за најболниот пораз на Грузија во историјата. Токму од Македонија, во битката за пласман на ЕП 2020 и тоа среде Тбилиси.

„Групата е интересна и добра за нас. Главен ривал ќе ни биде Македонија, радосен сум што ќе имаме шанса да се одмаздиме, не можам да го заборавам поразот кој го доживеавме од нив. Сметам дека може да бидеме први во оваа група“, изјави Окриашвили.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Грузија се игра на 9 јуни во Скопје, додека оној во Тбилиси е закажан на 23 септември. И двата меча се во 2022 година.