ВИДЕО: Окампос го сруши Еибар и ја води Севиља кон ЛШ

Севиља направи голем чекор кон пласман во Лигата на шампионите, откако вечерва на „Санчез Писхуан“ го совлада Еибар со 1-0 (0-0). Со овие три бода и вчерашниот пораз на Виљареал од Барса, Севиља сега има пристојна предност од екипите кои се борат да ги загрозат третото и четвртото место.

  • Голот на Окампос против Еибар: 

Моментот на одлука се случи на почетокот од вториот дел, кога по центаршутот на Хесус Навас, на втора статива натрча Окампос и со волеј ја погоди мрежата на Марко Дмитровиќ (1-0). Еибар, кој беше херметички затворен во првиот дел, по примениот гол се отвори и натпреварот изобилуваше со шанси. Евер Банега и Сусо имаа зрели можности за втор гол, но резултатот не се менуваше. Кике Гарсија во судиското надополнување излезе сам пред Вацлик, дури и го совлада, но стативата ја спаси Севиља. При последниот напад Вацлик се повреди и Окампос застана меѓу стативите. Во 96. минута и голманот Дмитровиќ дојде во противничкиот казнен простор, но Окампос му одбрани од само пет метри. 

Со овие три бода, Севиља собра 60 бода, само два помалку од Атлетико, но што е најбитно шест повеќе од Виљареал, кој е првата екипа која е надвор од зоната за влез во Лигата на шампионите. 

Утре со два натпревари, меѓу нив и каталонското дерби меѓу Барса и Еспањол почнува 35. коло на Примера.