Охриѓани се гордеат со фудбалерите: „Заедно сме посилни, напред Охрид“

Охрид беше на праг одново да игра прволигашки фудбал, но кога беше најпотребно среќата му го сврте грбот и по изведувањето на пеналите го загуби бараж-дуелот со фаворизираната Ренова.

Сепак, и покрај неуспехот во баражот, охриѓани се горди на своите фудбалери, кои утрово имаа свечен прием кај градоначалникот на општината, Константин Георгиески.

„Фудбалерите на Охрид, управата и логиститката имаа свечен прием кај градоначалникот на Охрид Константин Георгиески за успешната презентација на градот во македонскиот фудбал. Градоначалникот најави уште поголема поддршка за нашиот клуб, кој преку капитените Наум Вељаноски и Ромео Кочоски му доделија дрес и благодарница. Заедно сме посилни, напред Охрид!“, велат од фудбалскиот клуб Охрид.

Охрид имаше одлични настапи во ВМФЛ-Запад и сезоната ја заврши на втората позиција на табелата, веднаш зад шампионот Скопје.